Стручна служба
Стручна служба
Стручната служба е една од значајните компоненти на училишниот живот и работата во него. Работата на стручната служба во училиштето е динамична, исполнета со многу интересни и убави мигови, но и ситуации кои бараат внимателен пристап и трпение за успешно да се решат. Затоа од стручните соработници се бара да бидат добри тимски играчи, вредни, одговорни, толерантни и комуникативни, активни медијатори и организатори на севкупната работа во училиштето.
Денес, Стручната служба во нашето училиште ја сочинува тим од четворица стручни соработници и тоа: Александра Цветаноска – педагог, Славица Нешевска – психолог, Мартина Трајковска – дефектолог и Радмила Рангелова – социолог.
Низ годините, откако постои педагошката служба, стручните соработници се залагаат и работат на унапредување на животот и работата во училиштето. Сметаат дека промените почнуваат од поединецот, а себеси се гледаат како иницијатор за промени. Во работата на сопствениот и професионалниот развој на наставниот кадар придонесуваат тој повеќе да биде насочен кон визијата за современа настава и учење.
Стручните соработници работат и делуваат во седум подрачја: работа со ученици, работа со наставници, работа со родители, соработка со заедницата, професионален развој и професионална соработка, аналитичко–истражувачка работа и училишна структура, организација и клима.
Секојдневно се посветени и работат во интерес на учениците и во прв план ги ставаат нивното учење, однесување и ментално здравје. Тие веруваат дека со својата работа во училиштето можат да придонесат максимално да се развијат потенцијалите на учениците и посветено работат на постигнувањето на таа цел. Веруваат дека учениците кои се заинтересирани, мотивирани, сигурни во себе, прифатени од вработените во Училиштето и од соучениците, добро се чувствуваат во училиштето и сакаат да учат, па затоа настојуваат сите ученици да се чувствуваат добредојдени во училиштето.
Една од клучните надлежности на стручните соработници во нашето училиште е поддршката на наставниците за планирање и реализирање на воспитно-образовната работа со цел подобрување на поучувањето, а со тоа и учењето на учениците, односно подобрување на постигањата на учениците. Тие им даваат безрезервна поддршка на наставниците во сите компоненти на наставата, вклучувајќи ја и нејзината воспитна компонента.
Соработката со наставниците се реализира преку стручните тела што постојат во училиштето, односно стручни активи, Совет на паралелка, Наставнички совет, индивидуални средби, но и во други форми планирани во Годишната програма за работа, на пр.: посета на часови, работилници, менторирање, размена на материјали и др., како и преку неформална колегијална помош и соработка.
Стручните соработници со родителите работат преку индивидуални и групни советувања и разни форми на едукација, зависно од потребата и видот на проблематиката. Родителите на нашите ученици имаат доверба и сметаат дека можат слободно да се обратат до Тимот и да го споделат сето она за што очекуваат поддршка и помош кога се работи за нивните деца. Стручните соработници влијаат на вклучувањето на родителите во различни активности во училиштето.
Соработката на стручните соработници со локалната заедница придонесува за подобрување на работата на училиштето, а исто така и за подобрување на животот во локалната заедница. Заедницата треба да биде информирана за работата на училиштето, за постигнатите резултати и потребите на училиштето. За таа цел, стручните соработници соработуваат со другите воспитно-образовни установи и институции од областа на културата, уметноста и здравството, кои можат да придонесат за подигање на квалитетот на работата на училиштето, за здравјето, безбедноста и менталниот развој на учениците. Креираат процедури и механизми за да се подобрат и збогатат програмите за работа на училиштето.
Професионалниот и кариерниот развој на стручните соработници во воспитно-образовната практика претставува интегрален дел на нивната работа. Тие постојано ги надградуваат педагошко-психолошките, социолошките, дефектолошките и социјалните знаења за да ги применат во својата работа и да придонесат за професионалниот развој на останатиот воспитно-образовен кадар. Активно работат на сопственото усовршување, но имаат и значајна улога во поддршката на професионалниот развој на ниво на училиште, особено во идентификувањето на потребите на наставниците, планирањето и организирањето на различни форми на стручно усовршување во училиштето и следењето на ефектите. Промовираат унапредување на воспитно-образовната работа што е базирано врз научни сознанија и врз податоци од анализи и истражувања на состојбите во училиштето. Стручните соработници вршат објективно следење, систематско собирање и класификација на податоци и систематско набљудување и анализирање на воспитно-образовниот процес.
Тимот на стручни соработници во училиштето ги обединуваат сите чинители во воспитно-образовната работа во училиштето со цел остварување на заедничките цели, ги следат процесите кои се случуваат, даваат совети и препораки за поуспешна работа и учествуваат во градењето, развивањето и евалуацијата на програми, процедури и практики кои овозможуваат добро функционирање и развој на училиштето.
Работат на градењето позитивна клима и создадавањето сигурна, безбедна, стимулативна и ефективна средина за учење и развој на учениците и нивно демократско учество во работата и животот во училиштето. Во својата работа ги почитуваат и применуваат принципите на недискриминација, еднаквост и правичност кон сите. Се стремат кон развој и примена на инклузивна политика во нивната работна средина, како и почитување на мултикултурализмот како основа за меѓусебно почитување.
Со својот начин на комуникација, етичко однесување, толеранција, соработка со другите и посветеност на работата Тимот на стручни соработници претставува позитивен модел за учениците и наставниците.
Исто така видете и: Уписи, Струки, Наставен кадар, Вонредни ученици, Матура