Патрон
За нашиот патрон
ХЕРОИТЕ ЖИВЕАТ ВО НАШИТЕ СРЦА
Владо Тасевски – Кољо спаѓа во редот на оние македонски револуционери кои уште во најраното детство ги почувствувале горчините на ропството во коешто живееше македонскиот народ.
Роден е на 21 март 1916 година во градот под Марковите кули, во мошне сиромашно семејство. Неговиот татко, занаетчија, излез од сиромаштијата бара во одгледувањето тутун, така што Владо сето свое слободно време го минува помагајќи им на родителите, нижејќи и калапејќи ги жолтите листови на мрачната егзистенција. Уште од мал, тој ќе ја почувствува неправдата на животот врз своите плеќи.
Учењето не му претставува проблем, па во 1931 год. завршува IV клас со одличен успех. Но, суровата сиромаштија не му дозволува да го продолжи образованието. Се вработува како чирак во работилницата за поправка на локомотиви. Во 1933 година станува член на напредното младинско друштво „Трезвена младеж“. Тогаш ги прави првите чекори кон идеолошкото осознавање. Чита комунистичка литература и станува младинец со јасно изразена политичка свест и со правилен став кон македонското национално прашање. Во меѓувреме, станува член на КУД „Коста Абрашевиќ“ и член на УРС-овите синдикати во Прилеп, каде што започнува неговата жилава борба за слободата на својот народ. Во 1936 година го положил испитот за квалификуван работник-бравар и е преместен на работа во Скопје. Веднаш по неговото доаѓање во Скопје, тој се вклучува во железничкото музичко друштво, каде што свири на гитара и другарува со луѓе кои имаат слични политички и национални ставови и идеи. Во 1940 година Тасевски го организира штрајкот на железничарите, борејќи се за поголеми работнички права. Во март 1941 година тој ги предводи железничарите на демонстрациите против тројниот пакт и предавничката југословенска власт. Истата година Владо Тасевски станува член на КПЈ и секретар на партиската организација во ложилницата. Колегите од ложилницата во него препознаваат револуционер задоен со марксистичките идеи за рамноправноста меѓу луѓето во општеството, па затоа му ја доверуваат должноста одговорен за агитпроп (агитација и пропаганда).
Во јули 1943 година Владо Тасевски ја напушта илегалната работа и се приклучува во Шарскиот партизански одред. Како командир на чета во овој одред, тој поминува долг пат низ Западна Македонија и учествува во ослободувањето на политичките затвореници во Пешкопеја. Подоцна стапува во Скопско-кумановскиот партизански одред и се бори рамо до рамо со прославениот козјачки јунак Карпош.
11 декември 1943 година беше кобен ден за нашиот Патрон. Владо Тасевски загинува во селото Дренок, во месноста Здравчи Камен, во борбата со четниците од Вардарскиот четнички корпус.
И во последната битка тој ја потврдува својата храброст и пожртвуваност, својата подготвеност на жртва во името на својот народ, со што за последен пат се докажа неговиот патриотски револуционерен дух, потврден низ неговите последни зборови „живи не се предаваме“.