Матурска прослава, ген. 2019 – 2023!

Драги матуранти,
Еве нè на крајот на најубавата епизода од играта наречена живот – средношколските години. Уште една генерација спремна да се збогува со училиштето и да тргне по својот пат. Ни претстои матурската прослава, свечен чин кога официјално ќе се збогувате со училиштето, ќе ги спакувате спомените и ќе зачекорите по својот пат, ќе изберете своја игра, ќе одлучите со кого ќе играте, на која сцена и за која публика…
За нас овие денови секогаш биле денови на помешани емоции – среќа затоа што нашите деца пораснаа и се подготвени да тргнат во живот и тага затоа што треба да се разделиме.
Ги раскажавме сите приказни, споделивме многу мудрости, совети и тајни, си дававме сила и разменувавме позитивна енергија кога се соочивме со новата реалност и неопходноста училницата да ја замениме со виртуелниот простор и да се гледаме и слушаме преку екраните, кога се охрабрувавме дека и тоа ќе помине, дека и убавото и лошото имаат и почеток и крај. Преживеавме да се гледаме преку маски, да стоиме подалеку и да се плашиме едни од други и, конечно, да се вратиме во училниците и да се обидеме да го надоместиме она што го пропуштивме и да продолжиме од таму од каде што застанавме!
А сега е време за лекцијата што секогаш доаѓа на последниот час. Неа ја нема ниту во учебниците, ниту во прирачниците за матура, ниту пак на интернет… Таа нема да се падне на тест, ниту пак на матура или на завршен испит, ама е многу важна, суштинска!
Значи,…
Во животот е најважно да станете и останете луѓе, да заспивате и да се будите со помислата дека никому не сте сториле зло и дека не сте причина за нечија тага и болка. Почитувајте ги оние кои живеат за вас! Чувајте си го семејството и не срамете се од она што сте, од своите корени, од родителите, домот, семејството… Крајот на играта наречена живот е ист за сите, но убавината на играта е во тоа дали и каков тим ќе создадете, со кого ќе славите кога ќе победувате или ќе тагувате кога не ви оди или губите. А животот носи и победи и порази! Мора да бидете подготвени – и за напад и за контранапад и за одбрана.
Опкружете се со добри и чесни луѓе. Не бирајте ги по надворешниот изглед или по она што го поседуваат, туку по она што го носат во себе. Не е сè во она што го гледате. Амбалажата е маркетиншки трик, евтина фора… Важна е содржината! Надворешната убавина е минлива и менлива. Понекогаш е само добра шминка, фасада без емоции. Затоа, обидете се да ѕирнете зад она што го гледате на прв поглед. Љубовта понекогаш доаѓа на прв поглед, ама најубаво е кога трае до последен здив. Најважно од сè е да ги најдете оние на кои душата им е чиста! Таквите се непроценливо богатство, па затоа трагајте по нив. А кога ќе ги најдете, чувајте ги како редок цвет, како вистинско богатство.
Не срамете се да кажете не знам! Не е срамно да не знаеш, срамно е да не сакаш да знаеш каде и зошто грешиш и да не сакаш да научиш, срамно е да кимаш со глава, да бидеш „бројче“, да дозволиш да те користат за свои интереси, да ти „стават цена“ и да те купат! Не се продавјте по ниту една цена! Парите се трошат, понижувањето не се заборава!
Направете нешто за себеси… Не е важно што е, но нека биде ваш избор! Живејте го својот сон, АМА БУДНИ! Не преспивајте ги годините! Тие минуваат и никогаш не се враќаат! Не оставајте ги работите за утре, потрудете се да уживате во она што го носи денот и не плукајте по тоа што било вчера! Направете нешто по што ќе ве паметат!
Бидете живи и здрави и чувајте се! Во спротивно, ништо од горенаведното нема никаква смисла!
 
Credits to Gordana Ilieva ❤️
Матурска прослава - Слика
Scroll to Top