Проекти

Скокнете до: Еко училиште, Клуб на млади на црвен крст, Меѓуетничка интеграција на младите во образованието

Erasmus + проекти

Smart World Wins

 

Ученички компании

Сите три ученички компании функционираат на непрофитна основа и нивната цел е иста: развивање на вештини за зелени иновации кај учениците и професорите во средните стручни училишта.

Ученичка компанија „Алтер“

Алтер

  Првата ученичка компанија Алтер е формирана во месец септември 2018 година во нашето училиште СУГС „Владо Тасевски“ – Скопје, по објавениот натпревар организиран од МОН, UNICEF, ФИТР и UP SHIFT (ап шифт) на тема решавање на одредени социјални проблеми и предизвици од нашата блиска околина (ментор проф. Весна Живаљевиќ, професор по предметот Бизнис). На овој натпревар учениците понудија конкретно решение а тоа е замена на пластичните шишиња со алуминиумски термоси врз основа на претходно воочениот проблем: преголемиот број на пластични шишиња фрлени во корпите за отпадоци. Целите кои сакаат да ги постигнат учениците кои членуваат во Алтер се:

  • Стекнување на поголема еколошка свест кај младите
  • Намалување на пластичниот отпад во училиштата
  • Заштеда на пари кај секој од учениците
  • Грижа за здрава животна средина.

  Презентирајќи ја својата еколошка идеја оваа ученичка компанија учествуваше на бројни натпревари организирани од Junior achievement Macedonia, Младинската Асоцијација на Средни Стручни Училишта на РМ и ги постигна ги следните успеси:

  • Трето место на националниот натпревар за најдобра ученичка компанија одржан на 10 мај 2019 година организиран од USAID и JA Macedonia и
  • Трето место во категоријата „Најдобра видео реклама“ на натпреварот за сите средни стручни училишта организиран од асоцијацијата МАССУМ, одржан на 25.04.2020 година.

До овој момент учениците имаат продадено повеќе од 150 алуминиумски термоси и маици.

Ученичка компанија „Трагачи“

  Втората ученичка компанија Трагачи е формирана во учебната 2019/2020 г. и истата врши снимање и објавување на видео туторијали во кои учениците ги објаснуваат последователните чекори во изработката на практичните вежби од електротехничка, сообраќајна и машинска струка. На нивниот веб сајт до овој момент се објавени видеа за изработка на печатено коло, изработка на светлосен прекинувач, начин на пополнување на вредносно писмо, пакет, препорачана пратка, постапка за електролачно заварување во машинска струка и др.
  На натпреварот „Предизвик за млади истражувачи“ 3, кој беше организиран од Фондот за иновации во 2020 година – проектот Трагачи под менторство на проф. Весна Живаљевиќ и Катерина Малова Младеновска ја доби потребната финансиска поддршка со која е извршена набавка на опрема за снимање по што следуваше објавување на се поголем број видео туторијали.

Ученичка компанија „PTT Solar Energy“

  Третата ученичка компанија PTT Solar Energy започна да функционира во учебната 2021/2022 година откако учениците учествуваа на натпреварот организиран од UP SHIFT, под менторство на проф. Весна Живаљевиќ. На натпреварот тие ја презентираа својата идеја „Преку поставување на клупа со соларни панели, во училишниот двор ја зголемуваме еколошката свест за се поголемо користење на обновливите извори на енергија“. По освојувањето на наградата учениците ја формираа ученичката компанија PTT Solar Enegry, отворија свој веб сајт, изработија едукативни брошури, визит карти, отпечатија маици со еколошки пораки и ја поставија соларната клупа која ги има следниве карактеристики:

  • 90 W соларен панел
  • Интернет – пристап
  • LED – осветлување
  • USB – полначи за мобилните телефони.

  Преку оваа ученичка компанија во текот на учебната година учениците започнаа да спроведуваат едукативна промоција, укажувајќи на предностите од користењето на сончевата енергија со што ќе ја постигнат својата цел а тоа е зголемување на еколошката свест преку инсталирање на што поголем број соларни системи од страна на домаќинствата и претпријатијата, со што ќе се поттикне развојот на економијата и претприемништвото во нашата земја.

Еко училиште

  Од учебната  2021/2022 година во нашето училиште се реализира и  проектот „Секоја капка се брои“ во организација на Упшифт програмата , а со поддршка на Уницеф, ФИТР и шведската амбасада. Цел на проектот е да се охрабрат децата и младите во РСМ да станат двигатели на промените за намалување на ранливоста на заедниците од климатските промени. Тимот составен од 5 ученици работеше на изнаоѓање на решение на проблемот поврзан со нерационално користење на водата за пиење. Резултат од реализацијата на проектот е системот за собирање на дождовница со кој ќе се наводнува училишниот двор.

Клуб на млади на црвен крст

Нашиот клуб на млади хуманисти и волонтери е гордост на Училиштето. Клубот, кој го координира социологот Радмила Рангелова, секогаш е подготвен да се вклучи во сите активности кои се планирани од страна на ЦК на Република Северна Македонија, ЦК на град Скопје, ЦК на Кисела Вода.

Во координација со Црвениот крст и здравствените  организации редовно се реализира здравствено-превентивна програма која е дизајнирана за да ги открие здравствените приоритети на учениците. Програмата е насочена кон подобрување на пристапот на здравствената грижа за учениците, примарно во здравствена промоција, мобилизација на учениците и превенција од заболувања.

Вклучувањето на нашиот клуб во реализацијата на здравствената програма значи и поддршка на хуманитарните активности насочени кон борба против нетолеранцијата, стигмата и дискриминацијата и соработка со сите организации со цел подобрување на здравствените предизвици.

Здравствената програма се карактеризира со своја шареноликост, голем број  активности од областа на првата помош, добороволното крводарителство, превенција на ХИВ/СИДА, туберкулоза, кардиоваскуларни заболувања, хронични заболувања, промоција на хигиената, заштита од сексуално-преносливи болети и недозволена трговија со луѓе.

Добороволното крводарителство има за цел да се мотивираат што поголем број  ученици и вработени кои ги исполнуваат условите, доброволно да даруваат крв за да може да се соберат потребните количини на крв и крвни продукти кои се неопходни за лекување на болните и повредените. Со гордост можеме да се пофалиме дека во последните 15 години во нашето училиште се собрани околу 1800 крвни единици, што воопшто не е занемарлива бројка.

Во соработка со ЦК на град Скопје и ЦК Кисела Вода секоја учебна година за учениците  се одржуваат работилници и предавања поврзани со борбата против трговија со луѓе. Целта е да се имплементираат превентивни активности насочени кон подигање на свеста на учениците за препознавање на начините преку кои младите можат да бидат вовлечени во трговијата со луѓе и нивна самозаштита.

Во јануари 2023 година нашиот социолог ја доби наградата ,, Мотиватор на полето на крводарителство и унапредување на крводарителството”, која што ја доделува Црвениот крст на град Скопје.

Клубот на млади на Црвениот крст во нашето училиште ќе продолжи во годините пред нас да организира уште хуманитарни акции бидејќи хуманоста е најголема човекова доблест.

Меѓуетничка интеграција на младите во образованието

Од учебната 2018/2019 година во училиштето се реализира Проектот „ Меѓуетничка интеграција на младите во образованието “(ПМИМО). Во рамки на проектот се реализираат активности и во учебната 2022/2023 година. Покрај воннаставните активности и оваа учебна година се реализираат и наставни активности т.е. заеднички часови во рамки на редовната настава кои започнаа да се реализираат во учебната 2020/2021 година. Заедничките часеви ги реализираа наставниците по информатика Сениха Мандал и Бунјамин Алими и наставниците по англиски јазик Рената Трајановска и Ајсељ Хаџи-Хамза.

Scroll to Top