Историјат

Нашата историја

Средното училиште на Град Скопје „Владо Тасевски” Скопје започна со работа во 1959 година, како Центар за стручно образование на младинци и возрасни од сообраќајна и комерцијална струка, во рамките на ЖТП Скопје, со одлука на Работничкиот совет на ЖТП на 14.1.1960 година, во согласност со Уредбата за центрите за стручно образование на работници, објавена во Службен лист на ФНРЈ бр. 30 на 29.5. 1959 година.

Од 1961 година почнува со работа Железничкото техничко училиште за сообраќајно транспортни струки со интернатско сместување. На 14.6.1963 година Центарот е верифициран од Советот за просвета на СРМ за образование на младинци и возрасни од сообраќајна и комерцијална струка.

На 15.4.1979 година, со Одлука на Работничкиот совет на Железничко‐транспортното претпријатие Скопје, Центарот го добива името на првоборецот железничар Владо Тасевски.

Учебната 1983/84 се воведоа нови профили од областа на ПТТ сообраќајот и телекомуникациите, со што училиштето го доби името Училишен центар за железнички и ПТТ сообраќај „Владо Тасевски” во кое се едуцираат кадри од сообраќајна, електротехничка и машинска струка.

До 1996 година Училишниот центар работи како посебна организациона целина во рамките на Железничко‐транспортното претпријатие Скопје, а од тогаш како посебен правен субјект во рамките на Министерството за образование на РМ – ДСУ за железнички и ПТТ сообраќај „Владо Тасевски” (регистриран во надлежниот суд под број со рег бр.1529/96).

Во учебната 2004/2005 година во Училиштето беше отворена една паралелка на албански наставен јазик за електротехничар за електроника. Наредната година се запишаа две паралелки од сообраќајна струка за новоотворениот профил – техничар за транспорт и шпедиција. Заради просторните можности на Училиштето, денес сите паралелки од сообраќајна и електротехничка струка на албански наставен јазик ја следат наставата во СУГС „8 Септември”.

.

СУГС „Владо Тасевски“ - Скопје

По започнувањето на процесот на децентрализација, со пререгистрација во Основниот суд Скопје 1 во 2004 година, Училиштето преминува под ингеренција на Градот и станува СУГС „Владо Тасевски”, правен субјект регистриран во надлежниот суд под број со рег.бр. 729/05.

Во изминатите 63 години во училиштето се образуваа ученици, оспособувајќи се за следниве профили:

Во сообраќајна струка: транспортен комерцијалист; техничар за ПТТ сообраќај; техничар за техничка колска служба – прегледувач на коли; техничар за транспорт и шпедиција; станичен работник; сообраќаен транспортен техничар; кондуктер; возоводител; машиновозач на дизел и на електро влечни средства; маневрист; машиновозач на маневра; техничар за железнички сообраќај и сообраќајно‐транспортен магационер.

Во електротехничка струка: техничар за телекомуникации; техничар за комуникациони уреди и преносни системи; електротехничар за СС постројки; електротехничар за ТК постројки; електротехничар за возни средства; ТТ монтер; електротехничар‐електроничарелектротехничар за електроника и телекомуникации; електромеханичар; електротехничар енергетичар.

Во машинска струка: машински техничар за влечни средства; машинобравар–металостругар; машинобравар; металостругар; бравар-механичар за железнички возни средства; машински техничар за шински возила, и машински енергетски техничар.

Scroll to Top