Директор и управни органи
За директор

М-р Билјана Глигорова
М-р Билјана Глигорова е дипломиран професор по географија и магистер по географски науки, образованието го стекнала на Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Својата професионална кариера ја посветува на воспитно-образовната дејност, континуирано придонесувајќи за развојот на образованието, унапредувањето на наставниот процес и создавањето позитивна училишна клима. Со своето богато професионално искуство, стручност и посветеност, претставува значаен двигател на развојот на училиштето.
Функцијата директор на СУГС „Владо Тасевски“ – Скопје ја извршувала во периодот од 2012 до 2018 година, а повторно е избрана да ја предводи оваа реномирана образовна институција. Во текот на своето раководење активно работи на подобрување на условите за работа и учење, поддршка на наставниот кадар и поттикнување на успехот и личниот развој на учениците.
Како директор, м-р Глигорова се залага за современо, квалитетно и инклузивно образование, следејќи ги современите образовни трендови и потребите на младите. Нејзината визија е СУГС „Владо Тасевски“ – Скопје да продолжи да биде препознатливо училиште кое создава успешни, одговорни и компетентни генерации подготвени за предизвиците на иднината.
Управни органи
Директор
Директорот како раководен орган на училиштето одговорен е за законитоста во работењето во него, се грижи за положбата на вработените, ја организира и раководи воспитно-образовната работа, носи самостојни одлуки и го застапува училиштето пред други лица или институции. Тој има важна улога во креирањето на воспитно-образовните задачи и развојната политика на училиштето. Ги има следниве права, должности и обврски:
- ја предлага Годишната програма за работа на училиштето и презема мерки за нејзино спроведување
- ги извршува одлуките на Училишниот одбор
- врши избор на наставници, стручни соработници и одлучува за нивно распоредување
- врши оценување на резултатите од работата на наставниците, стручните соработници и работниците
- одлучува за престанок на работниот однос на вработените
- поднесува извештај за успехот и постигнатите резултати во воспитно-образовната работа до Град Скопје и БРО
- поднесува извештај за реализација на Годишната програма до МОН
- поднесува извештај за материјалното работење на училиштето до Училишниот одбор.
Во програмата за работа на Директорот содржани се главните подрачја во кои се реализира неговата работа. Тие се:
- педагошко-инструктивна работа
- административно-организаторска работа
- аналитичко-истражувачка работа
- финансиско работење
- соработка и застапување на училиштето
- педагошка документација и администрација
- работа со Училишната заедница.
Директор во учебната 2025/2026 година е М-р Билјана Глигорова
Помошници - директори и раководител на настава
Во Годишната програма за работа на училиштето, помошниците-директори и раководителот на настава во албанските паралелки учествуваат во реализацијата на истата на следниов начин:
- му помагаат на Директорот во раководењето со училиштето
- учествуваат во реализацијата на организациската структура во наставата и даваат предлози за нејзино подобрување
- учествуваат во работата на Наставничкиот совет и сите други органи во училиштето
- ја следат работата на наставниците и другите вработени
- градат атмосфера на колективност, доверба и почитување
- даваат предлог-мерки за отстранување на одредени недостатоци, подобрување на работната дисциплина, стимулирање на квалитетот и сл.
- водат кратки записници за увид на Директорот
- учествуваат во изработката на Годишната програма за работа на училиштето
- учествуваат во изработката на Годишниот извештај за работата на училиштето
- соработуваат со класните раководители
- одржуваат настава по својот предмет со половина работно време.
Помошници-директори во учебната 2025/2026 година се Дејан Крстевски и Славица Нешевска
Административна служба
- Секретар Светлана Анева
- Благајник – архивар Лидија Атанасовска
Совет на родители
Советот на родители е конституиран на 19.12.1995 година. Него го сочинуваат претставници на родителите кои не се вработени во училиштето. Советот на родители ја следи воспитно-образовната работа и дава мислење за нејзиното остварување според соодветна програма за работа. Бројот на членовите, нивниот начин на избор, нивната работа и целокупната организација се утврдени со Статутот на училиштето.
Стручни органи и тела
- Наставнички совет
- Совет на година
- Совет на паралелка
- Стручни соработници
- Стручни активи
- Раководител на паралелка
- Комисии
Исто така видете и: За нас, Патрон, Историјат, Ресурси, Кодекс, Ученички совет, Завршни сметки
